Зимување во Србија

Автентично. Единствено. Неповторливо.

Затворете ги очите и замислете место каде храната е израз на љубов, пијалакот е експлозија на вкусови, пејзажот бајковит, скијањето страст, бањските води благотворни, услугата врвна, активностите бескрајни, а празничниот провод незаборавен.

Нурнете се во забава

Харизматичен и заводлив, Белград освојува со неодоливата леснотија на постоењето, богатата историја, впечатливата архитектура, фантастичната храна и прочуената ноќна забава. Еден час возење на север, Нови Сад во декември станува идиличен град на празничната магија, на базари, театри и концерти, опкружен со недопрена природа и чарди каде што виното раскажува стари приказни додека седите до распламтениот оган, а тамбурашите ве водат на музички патувања надвор од овој свет. Идеална за еднодневен излет, Суботица ќе ве маѓепса со својата живописна сецесионистичка архитектура, со широки плоштади, музика на цимбал, гулаш и вина, а љубителите на природата може да уживаат во домаќинскиот дух на салашите на блиското езеро Палиќ. Зад магичните меандри на Западна Морава низ Овчарско-Кабларската Клисура, ве чека Чачак, град на величествена храна, прекрасно опкружување и богата култура. Првата современа престолнина на Србија, Крагуевац, ќе ве поведе низ својата раскошна историја, ќе ве воодушеви со фестивали и културни настани и ќе ви овозможи краток одмор во првиот јавен аквариум во земјата, Ботаничката градина и Екопаркот. А на југ, Ниш! Гостопримлив и весел, со својата богата археологија и трогателни споменици, ве води низ неколку епохи во еден здив. Боемскиот дух, извонредната храна и гостопримството на нишлиите ќе ве потсети колку е убав животот.

Со шармантните предели и зимските активности за сите возрасти и вкусови, Златибор е совршена дестинација за одмор со семејството. На Тара, љубителите на недопрената природа можат да уживаат во патеките и во санкањето, прекрасните видиковци и илјадниците видови растенија. Дивчибаре е идеална дестинација за скијачите почетници, со одлични инструктори, незаборавна храна и поглед. За скијачите и сноубордерите желни за предизвици, Копаоник нуди модерни жичарници, патеки и ноќно скијање, а вљубениците во адреналински содржини можат да уживаат во боб на шини и во тјубинг, а потоа да се релаксираат во многубројните велнес-центри по напорниот ден. Доколку сте во потрага по моќни глетки, Стара Планина е место за вас. Водопадите, кристално чистите реки, атрактивните скијачки патеки и автентичните селски домаќинства ќе направат повторно да ѝ се вратите на оваа убавица.

Вљубете се во дивината.

Избањајте ја душата

По градската врева и активниот одмор на планина, време е за релаксирање. Освежете го телото со прочуените спа-третмани на Врњачка Бања, а душата со врвни вина од блиските стогодишни лозја. Почувствувајте го мирисот на времето на изворот на термалната вода во турскиот амам Сокобања стар пет века, пробајте ја домашната гибаница со сокобањско сирење, ситни колачи „кавајчиќи“, јагнешко или јунешко под вршник, прочуениот шуш-муп и освежете го телото со ртањски чај. Скриена во недопрената природа на Фрушка Гора, Бања Врдник е оаза на чист воздух, блага клима и термални води од каде што може да ги посетите манастирите и да пробате автохтони сорти вино. Помеѓу дивата Дрина и шумовитата Гучево, Бања Ковиљача го спојува традиционалното и модерното и повикува да уживате во сулфурни бањи, лековита кал, масажи и сауни во луксузниот велнес-центар сместен во сулфурната бања од 1908 година. Во Пролом Бања ќе ве избањаат сонцето и чистиот планински воздух; лековитата вода, калта и хидротерапијата ќе ја обноват енергијата за новите почетоци, а домашното пиво „Пролом“ ќе ви ја освежи душата. Луковска Бања е синоним за топлина, релаксација и засолниште од градските турканици – уживајте во дневни и ноќни бањи под белите снегулки, препуштете им се на патеките на здравјето, забавениот, хедонистички ритам и подарете си го најскапоцениот ресурс – времето.

Зошто да славите Божиќ и Нова година еднаш, кога во Србија може да ги прославите двапати? Според грегоријанскиот календар, во поголем дел од земјата Божиќ се одбележува на 7 јануари, а Нова година, позната и како Српска нова година, на 13 јануари. Ако го почнувате своето патување на север, а го завршувате на југ на земјата, во празнична атмосфера може да уживате од почетокот на декември сѐ до половината на јануари. Божиќните и новогодишните базари, концерти и прослави за сечиј вкус се одличен начин да ги запознаете богатите традиции, да пробате гурмански специјалитети и да ги разбудите телото и душата со врвни ракии и вина. Без оглед дали на празниците ќе се најдете на урбана градска забава, во романтични чарди со тамбураши, во скриена планинска колиба опкружена со снег или во луксузен бањски центар, едно е сигурно: Ќе посакате да го повторите тоа спектакуларно искуство.

Добре дојдовте во Србија: на место каде што сите соништа стануваат реалност.

Experience Serbia!

Прославете го животот

This site is registered on wpml.org as a development site.